Италијанските дизајнери Доменико Долче и Стефано Габана во креациите за својот моден бренд Долче и Габана постојано се навраќаат на жената, особено на онаа сицилијанската, а на последната ревија во Милано направија комплетна посвета на сите мајки во светот. На преставувањето на колекцијата за есен-зима 2015/16 во склоп на Миланската модна недела, одлучија ревијата да биде во знакот на мајките, бебињата и девојчињата облечени како мајките. Аплаузи собраа манекенката Бјанка Балти, долгогодишно заштитно лице на Долче и Габана, која се појави во поодмината бременост, неколкуте мајки со своите деца, како и креациите исцртани со детски цртежи кои потсетуваат на неконвенционалната свадбена комбинација на Анџелина Џоли.
Стефано и Доменико можеби се фокусираа на мајките во последното претставување, но да не заборавиме на облеката. За следната есен дизајнерите предлагаат едноставни форми, коктел фустани со А-линија, разигран принт, женствени фустани кои го следат телото, мотив на роза, волнени пелерини и капути, модели со написи „Те сакам мамо“ и „Ти си најубавата мајка на светот“, притоа внесувајќи ги сенсузалните елементи на брендот, како тантела, цветен дезен, мониста и женствени апликации. Покрај новите модели на чанти, чевли и препознатливите венчиња, главен моден детаљ се слушалките украсени со разнобојни кристали и крзно.
Нема коментари