Од готски до спортски теми, од елегантни женствени креации дозимски плетива, американските дизајнери на ревиите на Њујоршката модна недела прикажуваат разни теми, концепти и нови колекции за сезоната есен-зима 2015/16. При креирањето тие пронајдоа инспирација на различни места – Александар Ванг ја истражи мрачната страна на модата и понуди облека со готски референци или како што самиот ќе рече „спој на нова романтика, Мерилин Менсон, баркодови и викторијански фустани“. Дерек Лам се инспирираше од филмовите на Вуди Ален, Макс Азрија од Антони Гауди за колекцијата за Ерв Леже. Дона Каран вечна инспирација наоѓа во Њујорк и урбаните њујорчанки, Томи Хилфигер прикажа колекција која е омаж на американскиот фудбал. Каролина Херера идеја за новата колекција најде во водата и прикажа флуидни форми и впечатлив принт. Вообичаено Зак Посен, Оскар де ла Рента и „Маркеза“ претставија вечерни и гламурозни креации во холивудски стил, наспрема разиграната диско гртика кај „Родарте“ и налудничавоста на Џереми Скот.
Следната есен ќе биде во знакот на рафинирана елеганција, вечерни изгледи, реминисценција на 70-тите години, практични решенија и деловни комбинации, спој на готика и гранџ на кој му пркосат женствените креации, но и уште многу модни предлози за моќни елегантни и заводливи жени.
Нема коментари