Онака како што македонската азбука почнува со буквата А, така модната ревија за новата колекција на Стефанија Насеска прикажана во рамките на Моден викенд-Скопје се отвори со изглед во кој доминира блузон со буквата А напишана врз моделот. Тематиката на модна писменост и македонски моден идентитет Насеска ја почна пред неколку сезони, поставувајќи го легендарното прашање на Крсте Петков Мисирков „Шчо напраифме“, но во моден контекст со кое прави алузија на состојбата на домашната сцена, сега продолжува со ангажираност и референци на македонските букви и потребата на модните дизајнери онака како што ја учат сопствената азбука, така да ја научат и модната азбука како основа за творење. И притоа Насеска не создава концептуални парчиња, туку сосема допадливи и носливи креации, избегнувајќи ја вообичаената замка при прикажување на одредена идеја да се креира нешто што е премногу концептуализирано и несфатено.
Во колекцијата за есен-зима 2014/15 насловена „Азбука“, дизајнерката претстави серија на здолништа, блузони, палта, фустани и панталони во кои има многу бои и линии, но највпечатлива е употребата на кириличните букви како апликација или дел од ткаенината, како и написите од кои се издвојува „Ти си моја кирилица“, силна порака што може да опфати повеќе емоции. Кај здолништата преовладува А-линијата, а Насеска генерално користи рамни и симетрични кроеви. Колекцијата е зимска, период кога претежно носиме темни нијанси, па таа предлага црна боја како основа, но на неа надоградува акценти од тиркизна, жолта, темно сина, виолетова, бордо и боја на циклама. Како што смета самата креаторка, парчињата облека може да се прилагодат за жени и девојки со смел личен стил кои што се отворени за необични модни комбинации. (К.Т.)
Нема коментари