Британскиот луксузен бренд „Барбери“ внимава на секој аспект од своите модни ревии, почнувајќи од ѕвездите кои седат во првиот ред и хајтек соработките (оваа сезона со Snapchat и Apple Music), до кастингот на моделите и музиката во живо. Во таа линија беше и вчерашната ревија на Лондонската модна недела за колекцијата за пролет-лето 2016, што се одржа на вообичаеното место во Кенсингтон гарденс. Атмосферата ја подгреа пејачката Алисон Мојет која настапи заедно со оркестар, а потоа почна шоуто за колекцијата наречена Function Regalia. Задолжителен дел од секое претставување на „Барбери“ е парчето поради кој стана познат брендот – мантилот, сега дизајниран во разни варијанти и со тантела како клучна ткаенина на колекцијата. Дизајнерот и креативен директор на брендот, Кристофер Бејли, покрај неколкуте верзии на мантил, прикажа повеќе креации во милитаристички/морнарски стил, како наметки и палта, како контраст на тантелните и нежни фустани кои се носат под нив. Колекцијата содржи и прозрачни фустани, кожени јакни, мрежести ткаенини и макраме, златни орнаменти везени на јаните, цветни мотиви, најлонски ранец како главен додаток и повеќе верзии на мрежасти сандали. Како и секогаш „Барбери“ и Бејли поканија голем број познати личности модни познавачи како гости, па во првиот ред седеа Кејт Мос, Сиена Милер, Кара Делевињ, Бенедикт Камбербач и сопругата на британскиот премиер, Саманта Камерон.
Нема коментари