Париската модна недела започна со ревијата на славната модна куќа „Диор“ и презентирањето на колекцијата за пролет-лето 2019. Креативната директорка Марија Грација Кјури за следната сезона воведува нови кодови кои се базираат на леснотија и слобода. Тоа значи вметнување на референци на „Диор“, но и отфрлање на корсетите и нивна замена со пoлежерна силуета. Ревијата за новата колекција беше збогатена со танцов перформанс кој го осмисли израелската кореографка Шерон Ејал.
„Минатиот декември го скршив колкот и потребни ми беа шест месеци за да се опоравам. Веројатно затоа сите мои мисли тогаш беа окупирани со танцот и движењето“, изјави дизајнерката за темата танц што провејува во колекцијата. Можеби и затоа додека ја подготвувала колекцијата пред себе ги имала фотографиите на извонредните танчери Пина Бауш, Марта Греам и Исадора Данкан.
Темата на слободата на движење може да се проследи во проѕирните ткаенини и релаксираната силуета. За првпат во историјата на куќата ќе прикаже лежерни фустани од свилено жерсе, преку кои не само што се поддржува сторијата за женственост која е во ДНК-кодот на „Диор“, туку и се нагласува феминизмот, женската еманципација и ослободувачката, неограничена женственост.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари