Познатата дизајнерка Лидија Георгиева вчеравечер го затвори моден викенд со разигран перформанс преку кој ја претстави новата The Cherry Blossom Collection, микс на суптилни референци на бохо-хипи стил, цитати од нејзиниот познат панк-рок јазик и софистицирана андрогеност, споена во инспирацијата и мотивот на црешов цвет. Покрај модниот микс, дизајнерката направи и мешавина на манекенки, танчери, познати личности и нејзини клиенти и пријатели, кои се појавија на пистата за да го заокружат нејзиното претставување, но и да ја прикажат взаемната комуникација со авторот чиј израз го преферираат во сопствениот стил. Имено, ревијата почна со играта на членови на Скопје танцовиот театар на Рисима Рисимкин, и со весела прошетка на познати ликови и пријатели на пистата, љубители на креации на Георгиева, меѓу кои и амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер, кои излегуваа од зад сцената и седнуваа во првиот ред, за да продолжи со дефилето што го започна актерката Сања Арсовска која заедно со манекенките ја раскажа приказната за колекцијата.
Мотивот на црешовиот цут од насловот на колекцијата е отсликан во принт со јаки овошни бои на белата кошула што ја носешете актерката Арсовска, за потоа да се редат препознатливите елементи на дизајнерката – задолжителното плетиво, фустани од прозрачни материјали, тантела, навезени детали, многу рачна работа, шик женски смокинзи – и за неа новиот излет во 70-тите и бохо стилот кој нетенденциозно поврзува со светските трендови, но го следи карактерот на нејзиниот израз. „Тоа е време на пробивање на постоечките граници, голем ентузијазам во откривањето на нови култури и начин на живот, експанзија на масовната култура и рокенрол индустрија, борба за љубов и мир“, вели за периодот од 70-тите. Белата и светлите тонови ја поздравуваат пролетта, но има и серија на креации во црна боја, секогаш застапена во нејзините колекции. Дизајнерката понуди неколку верзии на фустани, како и шик комбинации на широки фрак-панталони со женствени и деликатни горни делови, но и со поинтригантни и посмели блузи, со мрежести и детали од кожа. Ревијата беше надополнета со музика на DJ Egotrip, стајлингот на шапки, маски и украси за коса, а манекенките носеа чевли од бутикот ВИА. (К.Т.)

Актерката Сања Арсовска одлична и како модел (Фото: Stylist.mk Instagram)
Нема коментари