Помалку од пет минути траеше ревијата на Марк Џејкобс со која вчеравечер заврши Модната недела во Њујорк. Шоуто на кое беше претствена колекцијата за есен-зима 2017 беше различно од повеќе аспекти. Покрај кратката минутажа, пистата беше заменета со улиците на Њујорк, певијата беше без музика и со забрана за снимање со паметни телефони. Моделите беа од сите раси, и беа без раскошна фризура и шминка. Како што пишуваат светските медиуми, иако ревијата беше тивка и кратка, сепак беше гласна во својата порака. Дизајнерот бил инспириран до хип-хоп супкултурата со сите свои каректеристики. Фокусот е на стилот на Афроамериканците во 70-тите години во Бронкс, од каде и потекнува хип-хопот. Застапени се формите и кроевите кои асоцираат на тој период: панталони со ѕвонести ногавици, карирани парчиња, пригушена жолта, црвена, портокалова и светло кафена боја, како и модели со крзно, бунди , мини здолништа, тренерки и плетени ролки. Модните додатоци даваат уште поавтентична слика за посветата на Џејкобс на оваа значајна декада и место каде се бележат почетоците на уличната мода. Моделите носеа масивни метални и златни ѓердани и обетки, шешири, големи очила, крзнени додатоци, како и чевли со високи ѓонови. Допир со сегашноста имаа преку мобилните телефони .
Нема коментари