Хипи-принтови, лежерни кроеви и меки материјали се основата на новата колекција „Бохо шик“ на битолскиот дизајнер Никола Петровски, кој се претстави вчера на последната вечер на 13. издание на Моден викед -Скопје. Креациите се современо и носливо гледиште на креаторот на бохо стилот и имиџот на модните икони од раните 70-ти години: Џери Хол, Шер, Џејн Биркин, Анџелика Хјустон и Бјанка Џегер, кои биле негова инспирација. Застапени се долги фустани со принт, макси здолништа кратки маички, сомотни палта и тесни панталони. Моделите се изработени од памучен сомот, трико од памук и вискоза, велур, жоржет, чипка и елементи од еко- кожа. Преовладуваат земјени бои, најмногу кафеавата, портокалова, црвена, златна, како и црната. Играта со принтовите се најсилната страна на линијата. Моделите, иако се поврзуваат со 70-тите години, имаат доза на безвременост и флексибилност за повеќе пригоди и стилови, идеални за таргет групата на Петровски- дами со слободен дух. Во презентацијата на линијата недостасуваа повеќе модни додатоци и накит, кои би ја надополниле и збогатиле бохо-приказната.
Петровски е еден од ретките наши креатори што традиционално претставува колекции една сезона претходно, во чекор со светската пракса. Па така, додека останатите дизајнери кај нас промовираат линии за актуелната пролет-лето 2016 сезона, тој лансира креации за претстојната есен-зима 2016-17. Неговата презентација почна со селекција од највпечатливите креации создадени изминативе две декади , со што го одбележа својот јубилејот -20 години од првата ревија. По скопската промоција на новата колекција и одбележувањето на јубилејот, креаторот најавува ревија и прослава на 20-годишнината и во неговата Битола (А.Н.)
Нема коментари