Инспириран од делата на наградуваниот шкотски фотограф Џереми Сатон-Хиберт снимени од 1990 до 2006 година во ромскиот камп близу Будимпешта, креативниот тандем на брендот „Суно“ ја создал новата колекција за сезоната есен-зима 2014. Макс Остервајс, кој е основач на модната етикета, и дизајнерката Ерин Бити во петокот на Њујоршката модна недела претставија линија што ги одушеви критичарите и модните блогери. Тие го преплавија „Инстаграм“ и другите социјални мрежи со фотографии од повеќеслојните креациите. Со тоа приказната за сиромашниот кварт уловена од Џереми Сатон-Хиберт продолжи да се раскажува….
Моделите од линијата се стилизирана верзија на парчиња купени од втора рака или патчворк, ставени во урбан и футиристички контекст. Голем дел од нив се со нагласен волумен и со многу бои. Комбинациите често се со навидум неспоиви модели, како панталони под долго здолниште, ветровка врз елегантен фустан… Креациите се своевидна луксузна верзија на крпеници, а тоа се нагласува и со видливите конци кои ги спојуваат различните материјали, меѓу кои и брокат со повеќе текстури.
Брендот „Суно“, кој постои од 2008 година полека станува еден од омилените нови њујоршки брендови, а оваа колекција го потврдува тоа.
Нема коментари