Вчеравечер почна второто издание на Скопски моден фестивал со свечено отворање и три автентични ревии во трговскиот центар Скопје Сити Мол. Првата вечер се претставија македонската модна дизајнерка Маја Кикириткова, Етник Шала од Косово и студентите од школата Скала.
МАЈА КИКИРИТКОВА
Под називот „Ти можеш, ти си силна“, дизајнерката Маја Кикириткова, чиј потпис е на брендот „Eleazar“, на многубројната публика ѝ претстави уникатни креации скроени за самоуверени жени. Елегантната црна, златната и сивата боја обликуваа сериозен крој каков што ѝ доликува на една вистинска дама.
„Инспирацијата лежи во жената во својата најдлабока форма, жена која навидум изгледа како санта мраз, но со еден допир станува мека, нежна“, вака дизајнерката го долови приказот на вчерашниот подиум.
ЕТНИК ШАЛА
Ревиско деби во земјата имаше косовскиот дизјанер Етник Шала кој се претстави преку авангардна ревија на својата најнова колекција. „Гобленот“ беше вивидно забележлив во деталите на фустаните, а освен тоа последниот модел изнесе целосна слика на еден гоблен извезена во вид на наметка. Тоновите на жолта, кафена и зелена боја, комбинирани со розево оддаваа впечаток дека тоа е следниот нов фустан што ѝ прилега на една девојка која не се плаши да се искаже низ облеката.
„Секогаш се трудам да создавам снетиментални креации врзани со моето детство и местото од каде потекнувам. Секое парче е всушност уметничко дело направено преку механички слики извезени во бројки и бои“, истакнува Шала.
СКАЛА
Крајот на првата вечер беше посветен на идната генерација македонски дизјанери, студентите на Академијата на моден дизајн при Школата за дизајн, уметност и технологија „Скала” [поранешно „Џолев и уметностите"].
Инспирирани од претходните декади, застапеното либерално движење со панкерска нота, петте студентки, Марија Трајковска, Ангела Спасовска, Луна Аврамовска, Милица Димитријевиќ и Ива Ивановска навестија експериментални трендови што не влегуваат во рамките на секојдневната мода. Истовремено, креациите блиски до студентите се блиски до помладите генерации, па во фокусот беа смели комбинации од каро здолниште и блузички од тантела и ракавици.
Фестивалот продолжува денес од 18:30 часот, со ревиите на Мелани Дигит, Сара Реџиќ, модното ателје Краљевски и Роберт Ивановски.
(Фотографии: Антонио Станков)
Нема коментари