Романтична колекција од меки драпирани слоеви, мрежести маици, широки панталони, предимензионирани чанти и свилени шарени марами кои се врзани околу рамениците или ѕиркаат под препознатливите мантили – ова е сижето на новата колекција на Кристофер Бејли за британскиот бренд „Барбери“ прикажана вчера во Кенсингтон гарденс во лондонскиот Хајд парк.
Креациите за сезоната есен-зима 2014/15 се спакувани под темата „Сликарско патување“ и претставуваат мало отстапување од класичниот, скоро милитаристички стил на „Барбери“. Бејли овојпат предлага полесни комбинации, широка силуета, нов дизајн на препознатливите парчиња на брендот, апстрактни шари, но и ткаенини насликани со познати делови од Лондон, како и класичниот кариран барбери-принт кој е зголемен до степен на непрепознавање. Уметничкото влијание е доста нагласено, а Бејли за инспирација погледнал во делата на Лусијен Фројд, Бен Николсон, Кристофер Вуд и Данкан Грант.
Нема коментари