Модната куќа „Валентино“ ја освојува Кина, како дел од проектот Daydream деновибе отвори свој бутик, презентира капсулна колекција и вчера одржа ревија на висока мода во Летната палата во Пекинг. Креативниот директор на куќата Пјерпаоло Пичоли претстави колекција инспирирана од оригиналниот дух на италијанската ренесанса. „Колекцијата е многу италијанска, нема воопшто ориентални мотиви. Многу е важно да се задржи идентитетот на куќата, особено кога го споделувате вашето културно наследство со луѓе од друга земја“, изјави Пичоли.
Основната идеја на ревијата е на младите потрошувачи на брендот да им се пренесе дека високата мода непосредно служи како основа за дизајнирање на дневната и уличната облека од претапорте колекциите.
„Денес модната куќа „Валентино“, особено со клиентите во Кина, е поврзана со лежерна облека и улична мода. Важно е да сме во чекор со времето и да ги следиме трендовите, но јас сум фасциниран од уникатноста и екстравагантноста на високата модата. Денес Валентино е и улична мода и висока мода и тоа е она што заедно креира нов начин на делување. Модерноста за мене е и сегашност и минато, и висока мода и улична мода, сите третирани со ист сензибилитет, ист вид на смелост и фантазија“, вели дизајнерот Пичоли.
На ревијата беа прикажани 45 рачно изработени комбинации, раскошни тоалети со широки здолништа и впечатливи ракави, со многу панделки, карнери, и светкави материјали, со интензивни бои како црвена и циклама. Внимание привлече и шминката – некои од манкенките беа целите покриени во сребрена боја, а за нивниот изглед се погрижи познатата шминкерка Пат Мекграт.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрени на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари