Позната по венчалните фустани и тоалетите за црвен килим Вера Ванг наместо романтизам на Њујоршката модна недела прикажа мрачна и бунтовничка колекција за сезоната пролет-лето 2016. За да одржи баланс со белите раскошни венчаници, таа сега претстави една поинаква модна идеја во која доминира црната боја. Инспирирана од Буњуеловиот култен филм „Убавицата на денот“ со Кетрин Денев, Ванг прикажува микро шорцеви и спортски градници, сакоа без ракави со машки крој, модели кои го откриваат стомакот, куси плисирани здолништа, проѕирни ткаенини. Играта на машко-женскиот принцип се отсликува во комбинациите со строг крој, а колекцијата се развива во вечерни креации во кои има бои, волумен, светкави кристали, пердуви и реси. „Таа е девојка која е строго облечена и контролира сè околу себе, но во некој друг свет или во фантазијата станува нешто друго“, вака Ванг ја објаснува рефренцата на филмот и нејзината смела игра на строгост со сексапилност.
Нема коментари