Грчкиот остров Санторини со години наназад е една од омилените летни дестинации. Со специфична архитектура, бели куќички наредени на рид и врати и прозорци обоени во сина боја, овој вулкански остров во јужниот дел од Егејското Море нуди огромна доза привлечност и безброј вили и хотели со одушевувачки поглед. Еден таков пример е оваа луксузна вила во близина на градот Имеровигли, над вулканската калдера, која има специфичен екстериер и величествен поглед на морето. Вилата има пет спални соби и купатила, соба за дневен престој, и други простории со бели ѕидови и вграден бетонски мебел. Таа е всушност e збир на неколку хипоскафи, структури слични на пештери кои се карактеристични за Санторини. Тие се претворени во спални и дневни соби, расфрлани на повеќе нивоа, и поврзани со големи тераси и патеки. Декорот е едноставен и елегантен, секоја спална е всушност апартман со сопствен влез, кујна и купатило. Но, претпоставуваме дека поголем дел од престојот би го поминувале надвор, на повеќето тераси и места за одмор, и покрај големиот базен, од кои се пружа фантастичен поглед.
Нема коментари