По точно 40 години, Влатко Стефановски се враќа во МКЦ со концерт, во рамки на одбележувањето на јубилејот 50 години Младински Културен Центар, во организација на Баги Комуникации и МКЦ. Влатко Стефановски ќе одржи концерт заедно со своето трио и неколку гости.
Концертот е закажан на 8 април, со почеток во 20 часот во сала 25 мај.
Интересно е што последен пат Влатко настапил во МКЦ во 1982, заедно со групата Леб и Сол а во последниве 40 години немал ниту еден свој концерт во оваа установа.
- Среќен сум што ќе бидам дел од прославата на значаен јубилеј и што повторно ќе одржам концерт во МКЦ. Музицирањето пред домашната публика е секогаш предизвик, но кога по 40 години се враќате на местото каде што ви биле почетоците, тогаш навистина возбудата е голема – изјави Влатко Стефановски во пресрет на овој концерт.
Влатко Стефановски Трио го сочинуваат и Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас гитара, трио кое последниве години е доста активно и настапува речиси низ целиот свет. Спојот на искуството и младоста во ова трио се чини дека беше пресудно за одлична синергија и за огромен успех на сите настапи.
Инаку, неодамна „Кроација рекордс” направи пресек на соло-кариерата на Влатко Стефановски и ја склопи во албум со најголемите хитови. Од „Каубојци и индијанци” од истоимениот албум од 1994 до „Фанки џанки” и „Огледало” од неговото последно студиско издание „Тафталиџе шафл”, компилацијата содржи 17 песни.
Влезниците за концертот ќе бидат пуштени во продажба на билетарата на МКЦ и онлајн на bileti.mkc.mk.
Концертот е поддржан од Комерцијална Банка и Еко Циркон.
Нема коментари