Модната публика на единаесеттото издание на Моден викенд-Скопје деновиве е екипирана во катната гаража „Солунски конгрес“, простор во кој вчера се одржа вториот ден на манифестацијата кој помина во знакот на млади дизајнери и гости од Србија и Косово. Први на програмата беа студентите на моден дизајн од Европскиот универзитет со проектот „Артерија-антерија“, а можност за презентација добија Андријана Јованова, Бранкица Тодорова, Саранда Садики, Едора Сулејмани, Есма Казим, Веранда Халили, Радмила Ѓеоргиева, Ана Камчева, Анастасија Чадо, Ивана Костадиноска, Марија Настеска и Ивана Николова. Впечаток остави претставувањето на Даниела Савиќ која прави трансформерски интервенции во кројот, а според темата останатите земаат референци од различни елементи од културното наследство и стари носии, како декоративни реси и бродури и мотив на ромбови преземени од фолклорни шари. Дел од проектот на ЕУ беше и изложбата на професори од универзитетот и перформансот на проф. Јана Манева-Чупоска, во кој беа вклучени манекенки од „Подиум“ и неколку јавни личности како Ребека, Ирена Спировска, Снежана Богдановска- Јаначковска и Ирина Илиевска.
Уште еден перформанс беше дел од вчерашниот моден настан. Во соработка со скопската канцеларија на UNDP дизајнерите Алмир Мили и Ивана Цветковска прикажаа мини колекции како поддршка на на кампањата „Стоп за насилството врз жените и девојчињата- сега!“, во која се придружи и Моден викенд-Скопје. Мили ја прикажа концептуалната колекција „Титуба“ преку експлицитни сцени и звуци како опомена за проблематиката на насилството врз жените, а неговите манекенки „глумеа“ жртви на насилство и ја испратија пораката „Јас не сум објект“. Цветковска пак на почетокот претстави полежерни парчиња во спортски дух, а потоа колекцијата продолжува со трендовски широки панталони и здолништа и ресести јакни инспирирани од стилови од уличната мода.
Од домашните автори вчера само Ирина Тошева настапи со самостојна ревија за колекцијата „Енхалон“. Зад името на колекцијата се крие старото име на Струга, а градот покрај езерото и водата како извор на живот се главната инспирација за креациите наменети за пролет-лето 2015. Тошева колекцијата ја почна со бела боја, а потоа ја надoгради со кобалтно сина и тиркизна боја. Кроевите се инспирирани од кимоното, комбинациите младешки, а има и неколку машки модели со едноставен крој и лежерен стил. Највпечтливи беа принтовите во сини и виолетови тонови, а од деталите моделите носеа шапки, накит и часовници од My:Time. Во своите ревии Тошева редовно користи музика од македонски бендови, овојпат тоа беа звуците на The John. Дизајнерката колекцијата ќе ја репризира на модната недела во Љубљана каде што ќе настапи на 13 април, а наскоро ќе ја презентира и фотосесијата со манекенката Ивана Гелева и фотографот Миладин Паповиќ снимена токму во модерниот „Енхалон“.
Гостите на FWSK имаа можност да ја видат и работата на дизајнерите од регионот кои прикажаа модернистички стил. Флутура Дедиња од Косово понуди колекција која се базира на ласерско сечење на ткаенини, а во која има и драпирање и експерименти со набори, ефект на реси, асиметрија и бои кои варираат од пастелни тонови преку интензивната нијанса на циклама-виолетова до употреба на црна боја. Јелена Марковиќ од Србија, пред скопската публика престави колекција за сезоната есен-зима 2015/16. Креаторката која пред неколку години е прогласена за најдобра млада дизајнерка на Белградската модна недела, подоцна доби и награда на магазинот Elle, во новата колекција спојува модерен дизајн, елеганција, прочистен шик и притаен сексапил во едно преку модели со модерни и волумениозни кроеви, еднобојни парчиња со чисти линии, одлично скроени капути и транспаренти делови изведени од сребрена мрежеста ткаенина.
Фото: Ани и Дими
Нема коментари