Српската тенисерка Ана Ивановиќ и германскиот фудбалер Бастиан Швајнштајгер вчера си рекоа ДА на свеченост во хотелот „Аман“ во Венеција, свадба која привлече внимание во светските медиуми. Но, како и секогаш очите на јавноста беа свртени и кон изборот на венчаницата, стилот и дизајнот, во случајов тенисерката позитивно изненади со едноставна и лелеава венчаница. Една од најубавите спортистки на светот, која се претпоставува дека има заработено околу десет милиони долари, сепак беше скромна во изборот и наместо гламурозна тоалета со тантела и циркони, се одлучи за долг фустан со едноставен крој и нежни карнери во долниот дел, кој е креација на њујоршкиот бренд за современа мода Parker и кој може да се купи на сајтот Revolve по цена од 298 долари или 275 евра. Токму едноставниот фустан и природната шминка уште повеќе ја истакнаа нејзината убавина и Ана покажа дека за да се биде интересна невеста не мора да носи раскошна тоалета и еден тон шминка. Венчаницата ја комбинирала со обични бели салонки, нежна алка и ситни обетки, единствено можела да го извади часовникот.
Нема коментари