Легендата вели дека во раните 90-тите Кејт Мос и нејзиното момче фотографот Марио Соренти заминуваат сами на еден остров за да направат фотографии и видео за кампањата на парфемот Obsession на Келвин Клајн. Парфемот е лансиран во 1993 година, продажбата успешна, а кампањата останува во историјата на модата како култна и исклучително важна за таа ера. Години подоцна Раф Симонс, како нов креативен директор на модната куќа на Келвин Клајн, одлучи да не потсети на Obsession и го лансира новиот парфем Obsessed. Не само што името на новиот парфем реферира на стариот, Симонс ги повика Мос и Соренти заедно да го промовираат Obsessed во Лондон со помош на старите фотографии од времето на револуционерната кампања.

Марио Соренти и Кејт Мос скоро 25 години по иконичната кампања за Obsession, вчера во Лондон го промовираа новиот парфем Obsessed со нивни стари фотографии
Имено, неколку дена пред самата промоција од Келвин Клајн открија 250 архивски и никогаш необјавени фотографии со Кејт Мос, дел од снимањето на кампањата со Соренти во 1993 година. „Тоа е приказна за еден иконичен и инспиративен момент во модната фотографија, исто колку што е длабоко лична и човечка љубовна приказна“, вели Раф за претходно необјавените снимки. Дизајнерот открива дека работата на новиот парфем, покрај креирањето облека, е неговиот прв поголем проект откако е во Келвин Клајн. „Може да се рече дека бевме опседнати со Obsession. Ако една работа го сумираше Келвин Клајн за нас визуелно, тоа беше кампањата на Марио Соренти за Obsession со Кејт Мос. Таа живееше во нашите глави толку многу години и стана мерило на сензуалност кога со мојот тим стигнавме во Келвин Клајн. Размислувавме за мирис кој би ја одразил таа идеја за споменот и желбата. На мажи и жени, на споменот на некој друг на вашата кожа“, изјави дизајнерот.
Фотографиите од 1993 година се искористени и за кампањата за новите машки и женски парфеми Obsessed, кои се модерни интерпретации на класичните Obsession парфеми од 1993 година. Тогаш кампањата се сметаше за младешки, секси и диво романтичен маркетинг трик со ангажирањето на Кејт Мос и нејзиното момче Соренти, а со откривањето на архивските фоторафии Раф и куќата на Келвин Клајн се враќаат на корените, преку кои повторно се открива јазикот на луксузни парфеми наменети за помладата генерација.
Продажбата на машкиот и женскиот Obsessed почнува на 1 јули, се очекува во првата година куќата на Келвин Клајн да заработи 66 милиони долари само од продажбата на парфемот. Симонс покрај Кејт Мос, супермоделката која има снимено голем број кампањи за брендот, ја повика и Брук Шилдс на ангажман. Шилдс е една од оригиналните музи на Келвин Клајн и се појави во уште една препознатлива кампања за куќата во која актерката промовира фармерки со слоганот „Нема ништо помеѓу мене и моите Келвинки“. (K.T.)
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете линк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари