Покрај победниците, секоја година најголема фама на „Оскарите“ има за изгледот на ѕвездите. Најпрестижниот црвен килим со право е нарекуван најголемото модно шоу во светот. Присуството на долга листа на престижни и луксузни модни куќи, носени од најголемите филмски имиња на планетата, го оправдува ова. Додека актерите и филмските артисти се во битка за „златното човече“, дизајнерите, брендовите за накит, стилистите и визажиститет се во кретивна битка за најдобриот изглед. Општиот впечаток на годинашното доделување на најдобрите во филмската индустрија е дека задржано е нивото на гламур, елеганција и екстраваганција.
На „Оскар 2016“ дамите блеснаа во раскошни, секси и класични креации, со неколку модни отскокнувања, додека џентлмените повеќето останаа доследни на елегантиот black tie дрескод, иако имаше отскокнувања во деталите. Домонираа V-изрезите, смирени кроеви, дискретен, но луксузен накит, нежна шминка и пуштени коси. Повеќето од фустаните имаа рачна дораборка и везови, а главната „игра “ беше околу рамената. Од палетата на бои, најмногу можеа да се видат бели, црни и сини модели. Но застапено беше и шаренило од смирени тонови на розовата, црвената, портокаловата и жолтата.
Фокусот беше на номинираните и победничките на оваа вечер. Победничката во категоријата за најдобра женска улога, Бри Ларсон избрала сина лелеава креација со карнери и плисе од Gucci. Моделот е збогатен со впечатлив колан со кристални цветови. Кејт Бланшет блесна во нежно син „сирена“модел од Armani Privе со цветови и кристали од „Сваровски“. Можеби не ги одушеви критичарите со изборот на креација, но повторно покажа дека знае како, достоинствено и отмено да ги износи драматичните модели од високата мода. Со својот префинет тен, фризура, дискретна шминка и соодветно избран накит потврди дека е кралица на црвениот килим.
Како што се претпоставуваше, ИТ-девојката од оваа сезона на награди, Алисија Викандер избра модерен модел од Louis Vuitton. Станува збор за светложолта свилена креација исшарана со сребрени додатоци, направена за оваа пригода. Во центарот на медумското внимание оваа сезона беше и Кејт Винслет, па затоа беа високи очекувањата за нејзиниот оскаровски стајлинг. Но таа не одушеви со конечниот избор. Се појави во црна тоалета од Ralph Lauren, која не одговараше на нејзината линија и беше со несоодветен материјал.
Џенифер Лоренс избрала пердувест црн модел со трансапрентни делови и тантела од Dior Haute Couture, кој го комбинитала со нежен ѓердан од Chopard. Џулиен Мур, која често се одлучува за зелени модели, овој пат пристигна на доделувањето во црна креација од Chanel и исто така се одлучила за накит од Chopard.
Бел фустан од тантела со ретро-шари, но модерен крој со потпис на Рикардо Тиши за Givenchy беше изборот на номинираната Руни Мара. Нејзината млада колешка Сеојрси Ронан изгледаше посериозно за своите години во светкавата темнозелена креација од Calvin Klein. Актерката Оливија Вајлд се појави во бела тоалета со плисе од Valentino Haute Couture со длабоко деколте. Кај нејзе изборот на додатоци го наруши впечатокот.
Стандардно гламурозна и секси беше Шарлиз Терон во црвениот модел со длабок В-изрез, специојално креиран за нејзе од модната куќа , збогартен со накит од Harry Winston и чевли од Jimmy Choo. На листата за најубаво облечени дами на црвениот килим и овој пат се најде Наоми Вотс, со светскав креација од Armani Privé во темносоно и виолетова боја. Софистицираниот изглед беше надополент со раскошен гердан од Bulgari и шминка и фризура во класичен „стар Холивуд“-стил.
Емили Блант, која се појави како една од презентерите на церемонијата, носеше нежно розова креација извезена со кристали од Prada и чевли од Софија Вебстер. Ѕвездата на „Војна на Ѕвездите-Будење на силата“, Дејзи Ридли, носеше син модел исто така збогарен со вез и накитод од Chanel Haute Couture , додека чевлите и беа од Christian Louboutin. Бремената сопруга на Џон Леџенд, Криси Тејген, беше во цветен модел од Marchesa. За раскошен модел од истата куќа се одлучи и Софија Вергара, која овој пат избрала темносина модел.
Стилистите на Маргот Роби се решиле за златен фустан од Tom Ford, Лејди Гага носеше бел комбиензон со корсет и наметка од Brandon Maxwell. Рис Витерспун играше на безбедна карта, со фустан во крој што често го среќаваме на црвениот килим, со потпис од Oscar de la Renta, накит од Tiffany & Co и чеви од Jimmy Choo. Ова секогаш е добитна комбинација за на „Оскар“. Елегантна во црна тоалета од Atelier Versace беше Џенифер Гарнер. Дека сè не може да биде совршено покажа Рејчел Мекадамс . Не можеше да не се забележи дека нејзиниот зелен фустан од August Getty Atelier е изгужван.
Оливија Ман, отскокнуваше со портокаловиот фустан на едно рамо Stella McCartney, комбиниран со дијамантен наки и чевли од Jimmy Choo. Несекојдневен избор на модел за на „Оскар“ имаше Кери Вашингтон, која носеше црно-бел дизајн од Atelier Versace. Инстересен беше моделот на Ејми Полер, црн фустан со лелеави ракави и со впечатливи везови од Andew Gn.
Сите симпатии ги освоија Марк Рафало, во синиот костум Valentino и неговата сопруга Санрајс Когнеј во црн транспарентен фустан со појас во римски стил и накит од Solange Azagury-Partridge. Како и во претходните сезони на награди, Џаред Лето се издвои со својот стајлинг. Иако носеше црн костум od Gucci, машната ја заменил со цвет, а кожените чевли со кадифен модел со златна шара. Ќе се паметат подвитканите панталони на Фарел Вилијамс, изборот на очила на Том Харди, белиот костум од Dolce & Gabbana на Комон, додека човекот на вечерта-Леонардо ди Каприо, беше елегантен во класичен црн костум комбиниран со бела кошула. Неколку џентлмени се појавија во кафидени палта и костуми, како Еди Редмејн.
Нема коментари