На вчерашното отворање на овогодинешното издание на Skopje Design Week посетителите имаа можност да уживаат во современи дизајни кои го допираат светот на архитектура, мебел, дизајн на ентериер, продукt-дизајн, уметност и мода, сето тоа збогатено со музика, вино и гастрономски оддел. Куршумли ан ги отвори портите за дизајнерски живот во четврта смена според ритамот што ни го зададоа организаторите на фестивалот. Во експо-зоната може да ги погледнете изложебените експонати на повеќе компании и дизајнерски студија кои што нудат микс од повеќе дизајнерски дисциплини.

Rinocca
Настанот повторно е збогатен со модна програма. Пред влезот на Куршумли ан ќе ве пречека дизајнерската продавница на „Лудус“ и „Капка“ во која покрај модните парчиња на Драган Христов од „Лудус“ и накитот на Јана Ацевска од „Капка“, овде поставени се и дизајните на Марија Милошевска, „Мунус“, Јована Филиповиќ, Јасмина Главинче и други македонски дизајнери. И во експо-зоната ќе наидете на модни парчиња, па посетете ги Squat, независна колективна работилница која обединува словенечки модни дизајнери, Minds Artwear, познатите гости од Србија Uppa Druppa, Ирина Тошева, како и интересните креации на Марина Грасо инспирирани од Јужна Африка и фустаните од коплексно плисе на Janjique.
За поздравување се македонските дизајнерски студија чии експонати треба задолжително да ги посетите. Некои од нив за првпат се претставуваат на сцената. Тука се дрвените дизајни со рустикален изглед на „Монозеро“, слоевитите светилки на Rinocca, модернистичките закачалки, масички и држач за облека на Ема Николова, камините и столчињата преслечени со џинс кај Concept Spazio, мебелот на Freeform, дрвените дизaјни на We Love Nature, како и задолителните уметнички дела од метал и дизајн-радијатори на „Завар“, потоа штандовите на Feydom, „Тиквеш“, „Браво сине“, „Горење“, Lotus Design Store…
На вториот кат во Куршумли ан ќе ве пречекаат француските дизајнерски студија со свој поглед на современиот дизајн преку интересни парчиња мебел, светилки и симпатични прибори за готвење. Простор е одделен и за регионалната платформа на Млади балкански дизајнери, преку кој ќе се запознаете со регионалните дизајнерски таленти. (К.Т.)
Фото: Stylist.mk
Нема коментари