Дизајнерката Ирина Тошева го промовира едиторијалот за својата нова колекција „Зебра“ есен-зима 2014/15, што неодамна ја претстави на Моден викенд-Скопје. Фотографиите ги сними Миладин Паповиќ, шминката е на Виктор Мирчевски, фризура на Studio Allure, а како модел се појавуваат Елена Гугоска, Сара Миленковска и Вања Трампевски. Едиторијалот е реализиран во соработка со Македонската опера и балет, а со поддршка на My:Time објавен е и во форма на печатен каталог со графички дизајн на Кристина Манчева.
-Успеавме да ја пренесеме пораката на колекцијата низ фотографиите. Моделите се во контраст на нивната линеатна околина. Работевме на концептот повеќе од два месеци - изјави фотографот Паповиќ.
На ова Тошева додава:
-Зебрата е всушност пешачки премин. Ја користам како симбол на промена и индивидуалност. Едиторијалот повикува да не ја заробиме нашата природа.
Сите детали во едиторијалот се внимателно обмислени.
-Го анализирав милозливиот, а сепак горд поглед на заробените животни – Виктор Мирчевски го објаснува концептот за шминката.
Колекцијата „Зебра“ беше претставена во рамки на Модниот викенд-Скопје и Fashion Week Serbia. Колекцијата е достапна во: Lotus Design Store на вториот кат во Skopje City Mall; интернет продавницата bastetnoir.com; и al.to во Љубљана. Линијата низ 13 изгледи за мажи и жени изработени од памук, сомот и волна, говори за динамичната џунгла од бетон во којашто живееме и нејзиното влијание на нас. Креативниот концепт носи порака да погледнеме подалеку и да сфатиме дека и урбаното е дел од еден поголем систем, дел од природата.
Ирина Тошева e магистер по дизајн на Академија Италиjана Фиренца. Зад неа се седум колекции, 12 фотосесии, 11 самостојни ревиски претставувањa во земјата и странство и четири костимографии. Таа работи претежно улична мода и во нејзините колекции се обработуваат силни пораки во контекст на урбаното живеење.
Нема коментари