Годината што измина за македонската манекенка Елена Трајановска беше мошне успешна. Таа учествуваше на ревија на Келвин Клајн во рамките на Њујоршката модна недела по што Vogue ѝ предвиде успешна кариера, сними повеќе едиторијали во магазинини како Elle и шпански L’Officiel , се појави на модната недела во Токио, на насловните страници на Dazzle и јапонскиот Spur, како и во рекламни кампањи за Berschka, Cortefiel и Samsung 6. Манекенката на интернационалната сцена позната како Елена Реи, периодов повторно работеше во Токио, Јапонија, каде што повторно замина на барање на нејзината модна агенција. Меѓу многуте работни обврски беше и ангажманот на овој моден едиторијал направен за јапонското издание на престижниот магазин Elle Mariage во кој позира во венчаници. Од нејзината матична агенција „Моделс ин“ дознавме и дека накратко престојуваше во Сеул, Јужна Кореја, каде сликаше едиторијал, а набргу потоа Елена работеше и на реклама за познат бренд на јапонскиот остров Окинава. За претстојните новогодишни празници Елена ќе биде во Москва, а набргу потоа ја чекаат подготовки за нова модна дестинација.
Нема коментари