Во финишот на модната недела во Њујорк за сезоната есен-зима 2016/17 се случи ревијата на Марк Џејкобс на која гостуваше Лејди Гага која заедно со манекенките носеше мрачни и готски стилови. Експресивниот настап на Џејкобс ја заокружи неделата на претставувања на дизајнерите и модните куќи кои се движеа од драматични и раскошни, преку урбани и спортски, до доста практични модни предлози кои ја надополнуваат сликата за американскиот класичен, елегантен стил.
Њујорк е секогаш отворен за раскошни и женствени тоалети со многу тул и светки, како во колекциите на „Маркеза“, Наим Кан, Моник Лулие, Оскар де ла Рента и Каролина Херера, но голем број на дизајнери и брендови остануваат верни на едноставна елеганција и привлечна практичност, често тоа е мода прикладна за деловните жени, што се виде кај како Хуго Бос, Ралф Лорен и Мајкл Корс.
Вера Ванг од сезона во сезона се оддалечува од сталожената женственост и внесува помрачни теми. Дајан фон Фурстенберг направи модна журка во зградата во која се наоѓаат нејзиното ателје и канцеларии. Ријана се претстави како дизајнерка за Puma со колекцијата Fenty by Puma. Макс Азрија прикажа нови верзии на bondage-фустанот на „Ерве Леже“. Некои автори се вистински модни раскажувачи и се препуштаат на фантазијата, како Делпозо, Мара Хофман, Џереми Скот и сестрите дизанерки на „Родарте“ кои со новата колекција слават десет години на њујоршката сцена.
Модната недела открива и голем број на урбани колекции, како на пример оние на Rag&Bone и Александар Ванг. Еден дел од модните куќи се решаваат на модна презентација, наместо ревија – Coach, J. Crew, Кејт Спејд, Banana Republic, кои иако пласираат мода со помала цена од онаа на познатите дизајнери, нудат одлични идеи за стајлинзи и комбинирање различни парчиња.
Нема коментари