Mакедонската комедија „Година на мајмунот“, по режија и сценарио на Владимир Блажевски, се натпреварува на три реномирани балкански фестивали – во Палиќ, Приштина и во Херцег Нови.
„Година на мајмунот“ во моментов се натпреварува во главната натпреварувачка програма на Европскиот филмски фестивал во Палиќ. Фестивалот се одржува по 25-ти пат, а ќе заврши на 20 јули, кога треба да бидат познати и добитниците.
Утре, на 19 јули, на деветтото издание на Прифест во Приштина „Година на мајмунот“ ќе ја има својата премиера во Косово и ќе се натпреварува во категоријата „Мед и крв“ – во која за конкуренти ќе има повеќе балкански филмови.
Подоцна, филмот ќе се натпреварува и на филмскиот фестивал во Херцег Нови, Црна Гора, кој ќе се одржи од 1 до 7 август. Овој филмски фестивал е еден од фестивалите со најдолга традиција на екс-ЈУ просторот и датира од 1986 година.
Филмот ја имаше својата светска премиера на Московскиот меѓународен филмски фестивал, еден од најреномираните и најстари филмски фестивали од А-листата, а прикажан беше и на Шангајскиот филмски фестивал – исто така филмски фестивал од А-листата.
„Година на мајмунот“, чија домашна премиера беше на отворањето на 21. издание на Скопскиот филмски фестивал, го следи уникатното пријателство меѓу мајмунот Коко и чуварот на Зоолошка градина Цобе, и нивната авантура во превртениот транзициски свет.
Филмот се снимаше во 2016 година како копродукција на Македонија, Србија, Словенија и Косово, поддржан од Еуримаж, на околу 80 различни локации низ Македонија. Главната улога ја игра Игор Ангелов, а во екипата се појавуваат актери од Македонија, Србија, Словенија и Хрватска.
Нема коментари