Редици обожаватели вчера со часови ја чекаа Кејт Мос да се појави пред главната продавница на популарниот Topshop на Оксфор стрит во Лондон и официјално да ја лансира нејзината нова колекција за брендот. Облечена во црн светкав костим и чевли со вртоглаво високи потпетици, таа се појави околу 18 часот во излогот на бутикот, откако беше најавена од познатиот радио водител и нејзин пријател, Ник Гримшоу. Иако се појави на кратко, Кејт на публиката и’ се обрати со следнице зборови: „Сакам секој од вас да си најде нешто што ќе сака да го носи. Среќно купување!“ Веднаш потоа вратите на бутикот беа отворени и заинтересираните можеа да купуваат до 22 часот. На настанот присуствуваше Филип Грин, сопственикот на брендот Topshop, заедно со неговата ќерка Клое, како и Лота Мос, сестрата на Кејт, Сиена Милер и Џејми Винстон.
Ова не е прва колекција на Кејт Мос за Topshop, таа и претходно соработуваше со брендот, а оваа последнава ја претставува по четири годишна пауза од дизајнирање. Таа откри дека и’ недостасувал процесот на креирање облека и сработката со тимот на Topshop. „Возбудена сум што создадов нова колекција што го носи моето име. Сега повеќе од кога било, со Лондон во првите редови на светската мода, се чувствув како да се вратив дома преку работата со Topshop, изјави Кејт. Новата колекција на Кејт Мос за Topshop наменета за пролет-лето 2014 повторно е инспирирана од нејзиниот личен стил, а и самата признава дека за референци само требало да го отвори сопствениот плакар и таму да пронајде идеи. Новите креации имаат хедонистичко-боемско расположение, а во колекцијата има макси фустани, лелеави блузи и женствени костими креирани во стилот на 70-тите години од минатиот век.
Нема коментари