После модните куќи и дизајнерите „Ланвин“, „Версаче“, Изабел Марант, „Балман“, Карл Лагерфелд, „Москино“, Роберто Кавали и многу други славни креаторски имиња, брендот за масовна мода H&M објави новата дизајнерска соработка – овој пат со Џамбататиста Вали. За време на Канскиот филмски фестивал, на хуманитарниот гала настан amFAR, беа откриени неколку дизајни од Giambattista Valli x H&M колекцијата.
Роден во Рим, Џамбатиста Вали сега е дизајнер со париска адреса. Својата етикета ја лансирал во 2005 година и е препознатлив по софистицираниот израз. „Многу сум возбуден поради оваа соработка. H & M ми даде можност на поширока публика да ѝ го презентирам многу визуелен стил и величењето на убавината. Целта е да ја споделам мојата љубов кон убавината, да учествувам во „моментите на среќа“ на многуте луѓе, и конечно да придонесам во создавањето љубовни прикази ширум светот“, изјави Вали.
Колекцијата во Кан први ја носеа Кендал Џенер, Кјара Ферањи, потоа Бјанка Брандолини д’Ада, H.E.R., Крис Ли и Рос Линч. Тие носеа неколку свечени фустани, кои се дел од лимитираната предколекција на Вали и H&M, која деновиве се продава во 12 селектирани продавници и онлајн, додека целосната колекција ќе биде лансирана на 7 ноември и ќе биде достапна по повеќе бутици на брендот ширум светот.
Нема коментари