Следејќи ја традицијата на соработки со познати модни дизајнери, брендот за достапна мода H&M ја најави новата дизајнерска колекција, овој пат со ирската креаторка Симон Роша која што живее и работи во Лондон. Идејата на шведскиот бренд за масовна мода H&M е да понуди облека со печат на познатите креатори, но со многу помала цена во однос чинењето на на дизајнерските креации. Колекцијата на Роша ќе се продава во илјадници H&M продавници ширум светот почнувајќи од 11 март годинава.
Симон Роша за H&M ќе креира женска, машка и детска колекција. Позната по романтичен дизајн со елементи на викторијанска мода и обилна употреба на бисери, дизајнерката вели дека колекцијата за H&M во голема мера е студија за нејзината работа во текот на десетте години од основањето на нејзиниот бренд. „Земав ликови и клучни моменти од различни сезони и ги составив за да создадам нова приказна“, вели таа и нагласува дека колекцијата за H&M нема да биде реиздавање на нејзините постари креации, туку нивно реобликување и прилагодување за денешеното време.
Роша и H&M објавија прв поглед на колекцијата преку фотографии и видеа со дизајнерката, со манекенката Адвоа Абоа и нејзината сестра Кесева и со сè популарната актерка Дејзи Едгар-Џонс.
Нема коментари