Младиот дизајнер Игор Марков во петок ќе ја презентира новата колекција на самостојна ревија во Музејот на современа уметност во Скопје, со почеток во 20.30 часот, а потоа следи забава во ресторанот Sushico, каде вели дека гостите ќе може да се дружат и да ги споделат импресиите од неговите креации. По дебито на минатото издание на Моден викенд-Скопје, Марков својата втора ревија ја најавува како настан од затворен тип на кој се доаѓа исклучиво со покани.

Манекенката Ана Ежова и фотографот Горан Поповски снимија најавна фотосесија во новиот хотел Marriot
-Колекцијата носи наслов Prêt-à-porter féminin de luxe part deux и претставува следствено продолжение и еволуција на деби колекцијата. Наменета за идеална жена, извор на постојана инспирација, личност која цени високо квалитетно изработени парчиња гардероба со маркантен печат во кој е застапен суптилен елемент на ексцентричност и доза на авангардност. Гардероба која има цел да го намами окото на набљудувачот, совршена не само за посебни пригоди и осмислена одлично да се вклопи со џинс и останати елементи од секојдневната гардероба. Мода наменета за храбри, урбани личности со силно изразена индивидуалност – вели Марков.
Дизајнерот отрки дека новата колекција посветено и со многу љубов ја подготвувал изминативе шест месеци под директно менторство на Изет Цури. Деновиве подготви и промотивна најавна фотосесија за настанот, на локација на сè уште неотворениот хотел Marriot во центарот на Скопје. За фотографиите беше задолжен Горан Поповски, а позираат модели од модните агенции „Подиум“ и „Црнокрак“.
-Со нетрпение очекувам да ја споделам новата колекција – изјави Марков.
Нема коментари