Искрената, трогателна и духовита приказна за фантазерот кој заминува во авантура и конечно почнува да ги живее своите соништа, „Тајниот живот на Волтер Мити“, премиерно ќе се емитува во скопските кина на 9 јануари. Носечкиот лик го игра Бен Стилер, кој се јавува и како режисер, што според могумина е досега најсериозниот и можеби и најдобар негов проект. Главната женска улога во филмот базиран на култната приказна на Џејмс Турбер, ја толкува комичарката Кристен Виг, која ја паметиме по улогите во „Старосватици“, „Пол“, „Состанок“, „Заборавајќи ја Сара Маршал“ и други. Во новиот филм со Бен Стилер ја глуми колешката Шерил, во која Волтер Мити е тајно вљубен.
Во интервјуто, што го обезбеди MCF MKD, една од најдобро платените актерки во Холивуд, Виг, вели дека Шерил не е многу различна од сонувачот Волтер Мити.
-Гледано од повеќе аспекти, Шерил е многу слична со Волтер, очигледно е дека преживеала разни тешкотии во животот. Поминала низ развод, има нова работа и е во преоден период на промени. Се обидува да се пронајде себе си и тоа ги поврзува со Волтер, таа нивна потрага по нешто посуштинско. И двајцата бараат партнер и пријател во животот. Шерил е добра личност и мислам дека токму тоа го привлекува Волтер. Таа е срамежлива како него и може да го разбере и да се зближи со него.
>>Оваа улога е малку поразлична од комедиите по кои сте позната. Колку овој филм беше интересен за тебе?
-Мислам дека навистина има разлика. Во 2013 година играв две или три посериозни филмски улоги што треба да имаат премиера во 2014, и ова е прва таква улога во драма што публиката ќе ја види. Всушност, имав мала трема околу различниот пристап и начин на глума. Според мене и комедиите и драмите се подеднакво тешки. Но кога сте познати по еден вид улоги, а во мојот случај тоа се комедиите, се чувствувате поудобно во тој домен. И покрај тоа, навистина бев возбудена и почестена што Бен ме одбра мене за оваа улога.
>>Кои сцени од филмот ви се омилени?
-Уживав во сцените со фантазиите на Волтер. Во една таква замислена ситуација, тој втрчува во зграда што гори и го спасува моето троного куче. Никогаш не сум снимила таква сцена, со големи експлозии и пожар.
>>Бен тврди дека ти внесуваш реализам и топлина во улогата. Јасно е дека вие сте добри пријатели, но како беше да се работи со него?
-Првпат се запознавме кога тој гостуваше во шоуто „Во живо во сабота навечер“ (Saturday Night Live) и навистина добро се забавуваме. Се спријателивме и кога набрзо потоа се сретнавме да разговараме за овој филм, јас бев многу импресионирана од неговата комплетна визија за проектот. Тој точно знаеше како сака да изгледа и како треба да звучи музиката во филмот. Го имаше замислено секој кадар. Беше возбудливо да се види снимениот филм, како што тој го имаше замислено. Бен е многу добро организиран режисер, до најситните детали, што е одлично. Внесе толку топлина во улогата на Волтер, што само сакаш да го прегрнеш и да го претепаш секого што е лош кон него.
>>Ширли Меклејн е фантастична во филмот. Иако ти немаше сцени со неа, успеа ли сепак да ја запознаеш?
-Таа дојде на сетот неколку пати додека јас бев таму и знаеш, таа е Ширли Меклејн. Не знам што друго да кажам, очигледно таа е неверојатна и одлична во филмот и штета што не глумевме заедно во иста сцена. Би сакала да работев со
>>Од твоја гледна точка, каква приказна сака да раскаже филмот?
-Приказната е одлична и мислам дека на интересен начин ги охрабрува луѓето да ризикуваат и да патуваат. Филмот се осврнува на фактот дека живееме во време на комплетна технолошка доминација и голема зависност од телефоните и имејл, и истражува како тоа влијае на луѓето. Ликот на Бен, Волтер Мити, го остава сето тоа и патува низ светот и мислам дека тоа ќе инспирира многу луѓе. Сум слушнала за луѓе кои откако го гледале филмот си помислиле: „Леле, колку би сакал да го фрлам телефонот и да си резервирам авионска карта до местото каде што отсекогаш сакав да отпатувам“. Тоа е навистина возбудливо и мислам дека овој филм е актуелен токму во денешно време.
>>Вистина ли дека кога си била помлада и самата си тргнала во авантура која ти го променила животот?
- Вистина е. Има нешто многу ослободувачко во тоа да земеш голем ранец со сé што ти е потребно за преживување и да тргнеш на пат, во откривање на нови места. Возбудливо е да го направиш тоа сам. Мене ми беше тешко да патувам сама зашто на моменти се чувствував осамена, но како и во филмот, сретнав неверојатно интересни луѓе. Го направив тоа кога бев многу помлада, во своите рани дваесетти години и навистина многу ми го промени животот.
>>Каде отпатува?
-Отидов во Индија и патував наоколу три месеци. Бев на север во тибетанското село Дарамсала и таму волонтирав. Ми требаше малку да се оддалечам од мојот секојдневен живот и да пробам нешто поразлично, да размислам што би сакала да правам во животот, типични работи за кои секој размислува во своите рани дваесетти. И нормално, тотално ги избезумив моите родители. Тие беа загрижени за мене цели три месеци и денес ми е жал за тоа.
>>Според тебе, што сака да каже филмот за желбите и фантазиите?
-Мислам дека секој си има замислен живот. Сите имаме соништа што се обидуваме да ги оствариме, но има и работи за кои знаеме дека се само фантазија. Еднаш одамна некој ми кажа дека е здраво да имаш замислен живот и јас верувам дека е така. Сите имаме работи што би сакале да ги направиме и места на кои би сакале да ги посетиме. За мене тоа се некои цели во кариерата кон кои се стремам и некои места на коишто со задоволство би отпатувала.
>>Во филмот има една моќна сцена во која свириш на гитара и ја пееш познатата песна на Дејвид Боуви Space Oddity во една од фантазиите на Бен, додека тој тргнува на пат. Какво беше тоа искуство и дали си фан на Боуви?
-Јас сум голем фан на Боуви и Бен ми ја раскажа таа сцена уште на првиот состанок. Ми опиша како песната почнува додека Волтер се качува во хеликоптерот на почетокот од авантурата. Знаев што ме очекува и со нетрпение чекав да ја снимаме таа сцена зошто звучеше толку интересно и прекрасно. Се разбира, малку и се плашев како ќе ја отпеам таа легендарна песна, сакав да излезе навистина добро. Земав и часови по гитара. Мислам дека потајно баш би сакала да бидам пејачка (се смее). Навистина бев среќна што имав можност да го правам тоа и да ја снимам песната во легендарното студио Electric Lady Studios во Њујорк. Ми се исполни една голема желба.
>>Отпатува во Исланд. Сигурно беше спектакуларно.
-Тоа е толку прекрасно место. Се сеќавам кога ќе кажев дека ќе одам во Исланд, познаниците кои биле таму ми велеа: „Леле, таму е неверојатно, климата, природата, луѓето“. Навистина е како да си на друга планета. Не бев таму кога ги снимаа сцените во природа. Воглавно бев во едно мало гратче каде што ја снимивме сцената во барот и малку бев во Рејкјавик. Многу би сакала пак да одам таму.
>>Каква беше дружбата за време на снимањето?
-Филмот беше многу амбициозен и сите моравме да запнеме и да се справуваме со лошите временски услови и да останеме позитивни. Бевме во странство, во непозната земја и многу се зближивме. Сé уште ме држи тоа чувство, кога ги видов сите на премиерата, дека блискоста што се разви меѓу нас ќе ни остане за цел живот.
>>Што мислиш, што е тоа во оригиналниот краток расказ на Џејмс Турбер од 1939 година што останува актуелно до денес?
-Убаво е да се види дека е нормално да сонуваш и да влегуваш во светот на фантазиите. Има нешто посебно во ликот на Волтер Мити и во неговиот копнеж за нешто поголемо, и мислам дека многу луѓе ќе се препознаат во тоа.
>>Една од темите во филмот зборува за тоа дека треба да се биде свесен за сегашниот миг и да се ужива во секој момент во животот. Дали тоа и тебе ти е важно?
-Да, размислувам за тоа. Да се биде свесен за сегашниот миг е нешто со кое секој се мачи на одреден начин. Лесно е да се фокусираме на минатото или да се грижиме за иднината, наместо да бидеме свесни за сегашноста. Се обидувам да останам присутна тука и сега колку што можам. Треба да се осврнеме околу себе и да видиме во каква ситуација се наоѓаме, да го цениме животот без разлика дали се бориме со проблеми или се забавуваме. Мораме да ја прифатиме ситуацијата и да се обидеме да го доживееме секој момент.
>>Во филмот ги гледаме културните икони како Мартин Лутер Кинг и Џон Ленон на насловните страници на магазинот Life. Какво е нивното влијание врз Волтер?
-Па и двајцата биле луѓе кои доста ризикувале, биле многу почитувани и станале херои. Џон Ленон и Мартин Лутер Кинг и другите икони му праќаат потсвесна порака на Волтер, велејќи му „Само треба да ги спакуваш куферите и да го направиш тоа. Ајде, оди!“
>>Твојот филмски хит од 2011 година, „Старосватици“, е заслужен за трансформацијата на холивудските комедии за жени. Што мислиш, какво влијание имаше врз твојот живот и општо врз можностите за жените?
-Тешко е да се каже како нешто го променило вашиот живот, но јас многу се гордеам со тој филм кој на многу начини ми го промени животот. Многу сум благодарна за можноста да го снимам, бидејќи тој ми отвори нови опции. За мене тоа беше огромна промена, не можам ни да ја опишам со зборови. Луѓето кои пишуваат женски комедии добиваат повеќе шанси и денес се снимаат повеќе женски комедии од порано. Но отсекогаш постоеле смешни жени. Кога бев помлада, со татко ми гледав многу стари филмови. Црпам голема инспирација од Лусил Бол, Керол Барнет и многу други жени кои биле дел од шоуто SNL пред мене. Многу ме радува фактот што се снимаат повеќе женски филмови, но за тоа дефинитивно не сум јас заслужна.
>>Дали актерството беше твоја најголема желба кога беше дете?
-Да. Мислам дека многу деца кога гледаат филм си мислат „Е, баш би било добро да го правам тоа“. И јас глумев пред огледало и слично, но не учествував во толку многу претстави. Имав голема трема и бев срамежлива. Не се сеќавам дека бев смешна. Никогаш не бев одделенскиот забавувач. Мислам дека само луѓето што добро ме познаваа сметаа дека сум смешна, или поточно будалеста. Многу се смеев. Не почнав да глумам кога бев малечка. Дефинитивно во актерството влегов подоцна во животот, но мислам дека потајно отсекогаш сакав да го работам тоа.
>>Кои се твоите соништа и цели во овој момент од животот?
- Многу би сакала да режирам филм по мое сценарио. Во моментов работам нешто и со Ени Мумоло би сакале да снимиме уште една комедија наскоро. Мислам дека во моментов мојот најголем сон е да режирам. Едвај чекам да се случи тоа.
>>И за крај, што треба според тебе публиката да очекува од „Тајниот живот на Волтер Мити“?
-Мислам дека луѓето ќе се воодушеват од режијата на Бен Стилер. Ќе го видите Бен во поинакво издание, каков што не сте го виделе досега. Филмот е прекрасен. Визуелно е восхитувачки, сценариото е одлично, ликовите ќе ве трогнат и ќе се соживеете со нив. Филмот е лесен и забавен, но и авантуристички, има акција, смешен е и многу трогателен. На крајот ќе се чувствувате одлично. Токму тоа го обожувам кога гледам филм, да излезеш од киното со желба да потрчаш од среќа што си жив. Ова е баш таков филм.
Нема коментари