Младата креаторка Ирина Тошева ќе ја претставува Македонија на Balkan Emotion Fashion Days што на 29 и 30 април ќе се одржи во Виена. Покрај нејзе, од нашата земја ќе учествува и идниот дизајнер, средношколецот Златко Јовановски, познат по своите впечатливи стајлинзи.
-Дизајнот како творештво постои во глобални рамки. Можноста она што сте го креирале да ги премине границите и да биде достапно за поширок аудиториум претставува основа за исполнување на повисоки цели. Настанот го очекувам со нетрпение, најмногу заради искуствата и креативната енергија која ќе ја споделам со колегите-дизајнери од регионот и пошироко-вели Тошева.
На овој настан таа ќе ја претстави со колекцијата Cloud 9, која беше промовирана на почетокот на месецов во рамките на Модниот викенд – Скопје. Таа деновиве направи и едиторијал со моделите од линијата пролет-лето 2014.
Настанот Balkan Emotion Fashion Days ќе има ВИП-отворање со ревија на специјалниот гостин од Италија, Џовани Ло Прести. Триесетгодишниот дизајнер, кој е роден и пораснат во Швајцарија, сега е стациониран во Милано. Во модниот свет се проби со миксот на италијанскиот стил и швајцарското Savoir Faire. Со неговите уникатни дизајни во луксузни материјали се здоби со силна репутација во модните кругови со високо квалитетни, префинети и луксузни Redy-To-Wear дизајни. Истата вечер ќе настапат и виенски дизајнери со потекло од Балканот. Втората вечер на настанот е резервирана за учесниците –натпреварувачи кој доаѓаат од балканските земји: Македонија, Србија, Хрватска и Босна, a ќе ја отвори македонскиот амбасадор во Виена, академик,проф. д-р Ѓорѓи Филипов.
Нема коментари