Легендарната актерка и пејачка Џејн Биркин откако го погледнала извештајот на ПЕТА за тоа како ги колат крокодилите во Зимбабве и во Тексас за да обезбедат кожа за потребите на чанта „Биркин“ на париската модна куќа Hermès, побара нејзиното име да биде отстрането од иконскиот модел на чанта. Во 1984 година тогашниот извршен директор на Hermès, Жан-Луј Дима ја создаде чантата „Биркин“ во чест на 68-годишната Биркин, и оттогаш овој модел стана еден од најпопуларните и најпосакувани модни додатоци во светот. „Бев предупредена за суровиот третман на крокодилите во текот на нивното колење за производство на чантата на Hermès што го носи моето име, па барам од Hermès Group да ја преименуваат „Биркин“ чантата сè додека не почнат да применуваат подобри практики кои одговараат на меѓународните норми за производство на оваа чанта“ вели Џејн Биркин во своето соопштение. Првите луѓе на Hermès, соопштија дека ги почитуваат и споделуваат чувствата на актерката, но дека фармите во извештајот на ПЕТА не се сопственост на брендот.
Нема коментари