Актерот и музичарот Џаред Лето е првата позната личност која облече персонализирана јакна од DIY колекцијата на „Гучи“ во која вчера се појави во Милано на ревијата на новата машка колекција на модната куќа. „Гучи“ и креативниот директор Алесандро Микеле исто така претставија план за проширување на DIY сервисот (направи сам сервис). Лансиран во мај, овој сервис на почетокот нудеше можност да ја украсите на свој начин само познатата чанта Dionysus, сега брендот овозможува да ставите свој печат на машките парчиња, како јакните, смокинг-сакоата, кошулите, блејзерите и моторџиските јакни. Програмата „направи сам“ сега е можна и на машките и на женските чевли.
На пример, кај бомбер-јакните може да изберете ткаенина, постава и копчиња по ваш избор, а може да ставите монограм или некој друга шара. Постојат повеќе начини како да ја персонализирате свечената кошула, патиките, потоа да ставите ваши иницијали на влошката на чевлите и безброј други опции. Дел од персонализираните парчиња Микеле престатви на вчерашната ревија на машката колекција за пролет 2017 на „Гучи“, а на која Лето, заштитно лице на брендот, се појави во свилена бомбер-јакна на која се извезени првата буква од неговото име и мотиви по негова желба.
Микеле персонализацијата ја гледа како модернизација на панк менталитетот, што дозволува облеката да ја носите како продолжение на вашата личност. Сепак, „Гучи“ сака да се забележи дека парчињата сè уште се нивен дизајн. Во соопштението за печат на брендот се истакнува: „И покрај тоа што целта на DIY службата е да ги охрабри потрошувачите да ја интерпретираат „Гучи“ естетиката на мошне карактеристичен начин, комбинацијата на материјали, детали и декорација што се нудат гарантира дека крајниот резултат секогаш ќе го евоцира духот на визијата на Алесандро Микеле“. (К.Т.)
Нема коментари