Шкотскиот дизајнер Џонатан Сондерс, познат како мајстор за шари и бои, неодамна ја затвори својата модна етикета, но тоа не значи крај на креаторската работа. Иако во март проструи информацијата дека Џонатан ќе го наследи Раф Симонс како нов дизајнер во престижната модна куќа „Диор“, вчера стигна најнова официјална вест – Сондерс е назначен за нов креативен директор во брендот основан од Дајан фон Фурстенберг. Дипломецот на Сент Мартинс, кариерата ја почна кај Александар Меквин, потоа работел покрај Кристијан Лакроа во „Пучи“ и Фиби Фајло во „Клое“, а во 2003 година ја основа својата етикета. Сега почнува нова фаза во својот креативен живот, кај фон Фурстенберг, која исто така во своите креации вметнува доста бои и шари.
-Неверојатната страст на Џонатан за бои и принтови, ноншалантноста во неговите колекции и желбата да ги направи жените убави, беа клучни за да стане идеален кандидат за личност што ќе ја води куќата DVF и ќе ја внесе во иднината. Не можев да најдам подобар дизајнер, некој кој е толку вешт, некој кој ќе блесне на позицијата на наш креативен директор. Едвај чекам да ја видам неговата прва колекција за DVF – изјави основачката на модната куќа, Дајан фон Фурстенберг.
Нема коментари