Обичните бели кошули и моделите со пруги можеби ги позјмнивме од машката гардероба, ама им додадовме наш допир на женственост и ги претворивме во парче облека кое е многу поразновидно во комбинациите и кроевите отколку машката кошула (навистина, на една рака се бројат начините на кои мажите ја комбинираат белата кошула).
За оваа есен предлагаме неколку комбинации со предимензионирани кошули, во случајов бели и по некоја со сини пруги. Модната имагинација создаде повеќе идеи како да се носи ова парче во есенски стајлинзи.
Наједноставниот начин е кога кошулата е пикната во панталоните, на фотографијата тоа се бели фармерки со покомотен крој. Комбинацијата е целосно бела, што дополнително одговара на минималистичкиот израз.
Внимавајќи на пропорциите, вообичаено не мешаме повеќе волуменозни парчиња, но сега е во тренд XLL силуетата, па слободно можете да комбинирате покомотна долга кошула со миди здолниште со широк крој.
Оваа интересна комбинација е составена од долга и широка кошула која се носи како фустан и врз неа е облечен корсет за да се добие посмел изглед и подефинирана силуета.
Кошулата е облечена под сако како првиот дел од оваа слоевита комбинација. Широкиот крај и долгите ракави потврдуваат дека кошулата не е само база, туку битен дел од комбинацијата. (Забележувате дека во стајлингот има уште една кошула врз белата?!)
Класичната машка кошула со сини пруги добива женствена димензија кога се комбинира со цветно здолниште, чевли со високи потпетици и златен накит.
Нема коментари