Тимот на модната куќа „Луј Витон“ имаше голема задача при подгoтвувањето на новата книга Louis Vuitton Fashion Photography, монографија во која се селектирани 200 фотографии од различни периоди од историјата на брендот. Ова задолжително модно четиво ги содржи делата на Мерт&Маркус, Патрик Демаршелие, Хелмут Њутон, Стивен Мајзел, Вилијам Клајн, Марио Тестино, Ени Лејбовиц и други значајни фотографи од минатиот и од овој век. Книгата е поделена на три дела – модни написи од 1977 година до денес, рекламни кампањи и „флешбек“ наназад до 50-тите години до денес. Книгата ќе биде достапна од 1 октомври на англиски и на француски јазик, а издавачот Rizzoli најави неколку верзии, лимитирано луксузно издание со три различни корици кое ќе се продава во избрани продавници на „Луј Витон“ и на интернет страницата на модната куќа по цена од 100 евра, додека низ светските книжарници ќе почне да се продава од 15 октомври во поевтина верзија од 75 евра.
Нема коментари