Книгата „Монологија” на Васко Тодоров во која се собрани сите култни монолози на неговото хумористично алтер-его Тошо Малерот од легендарното шоу „К-15″ беше издадена неодамна под капата на „Арс Либрис”, дел од „Арс Ламина ‒ публикации”. Ова дело веќе може да се купи во сите книжарници „Литература.мк” или да се нарача онлајн на веб-страницата www.literatura.mk. Во „Монологија” се собрани најпознатите монолози на Тошо Малерот снимени со „К-15″, но и скечеви кои досега не биле емитувани на телевизија.
Во краткото промотивно видео каде Васко Тодоров се појавува во улога на неговиот лик Тошо Малерот, се зборува и за правецот на самото дело.
‒ Батка, оваа книга ти е чист импресионизам со примеси на експресионизам, а целта е да се доближи човековото внатрешно битие кон возвишеното во него. Затоа што љубовниот стремеж е чекан, обостраната хемија е длето и сè се сведува на делкање – вели тој.
Васко Тодоров во моментов е дел од екипата на сатиричната емисија „Фчерашни новости”. Најголемиот дел од популацијата го препознава по легендарните ликови кои ги толкуваше во рамки на шоуто „К-15″ заедно со Бранко Огњановски и Љупчо Бубо Каров. Првата епизода била емитувана на 23 ноември 1994 година на А1 телевизија. Шоуто оттогаш обезбедува силна социјална, политичка и економска критика особено на нелогичностите во македонското општество, етничката толеранција, стереотипите и табу темите. „К-15″ во текот на своето постоење е емитувана на повеќе домашни телевизии и останува една од најпознатите хумористични емисии во земјава.
Нема коментари