Во центарот на Скопје на Илинденска во близина на Фонтана деновиве се отвори нов хибриден простор, МАЛА, мало и симпатично место во минималистички ентериер и со кценти во магента боја, благодарение на иницијативата на модната дизајнерка Евгенија Зафировска и архитектонското студио KONNTRA, основано од Ерик Јуришевич, Мирјана Лозановска и Силвија Шалева.
МАЛА е нова иницијатива во која се спојуваат модата на Зафировска и архитектурата на KONNTRA, две реномирани студија од различни области на дизајнот. Архитектура и моден дизајн сплотени со една цел, остварување на нов простор за креативци. Еден вид на локален „активатор“ за занаетчии, скулптори, дизајнери или секој што чувствува потреба да се придружи и да ги сподели своите концепти и ставови во областа на дизајнот, архитектурата и занаетчиството. Со последните трендови модата и архитектурата трпат промени, реагираат, се приспособуваат и ја докажуваат својата флексибилност. Таква прва соработка е колекцијата на Ена Зафировска THE BEGINNING која е инспирирана од претставувањето на KONNTRA со MO·NU·MENT на овогодинешното 17-то Венециско Биенале, претставена на ЕXPO 30 – Bottega Eventi. Овој пат соработката продолжува во една сосема нова приказна, која е прва од ваков вид во нашиов регион. Приказна која ја претставуваме преку основањето на МАЛА.
Истовремено изложени се и дел од графиките преку кои се презентирани проектите на KONNTRA. Архитектонското студио, кое во изминатите неколку години постигна одлични резултати на низа натпревари од областа на архитектурата и дизајнот. препознатливи по нивниот пристап со современ, карактеристичен и живописен израз за презентирање на нивните архитектонски проекти. Меѓу изложените конкурсни трудови се наградени се: 1-во место за средно училиште и спортска сала во Вуковар, Хрватска; 1-во место на Меѓународен конкурс за архитектура и урбан дизајн на општинска зграда и главниот плоштад во Зеница, Босна и Херцеговина; 1 место за дизајн и обнова на Плоштад на традиционални занаети во Вараждин, Хрватска; Второ место за Здравствен дом во Загреб, Хрватска. 4-то место за градинка во Стењевац во Загреб.
Во креативна платформа МАЛА за прв пат во Македонија можете да видите и пробате елек изработен од Piñatex®, иновативен природен текстил направен од влакна од листови од ананас. Ова е нуспроизвод на постојното земјоделство, а неговата употреба создава дополнителен прилив на приходи за земјоделските заедници кои инаку се потпираат на сезонска жетва. Piñatex® е развиен како одржлива алтернатива и за масовно произведената кожа и за загадувачките синтетички материјали, нудејќи подобар избор за подобра иднина. Филозофијата на брендот Евгенија Зафировска е да понуди подлабоко задоволство од производот со квалитетен дизајн, добро вклопување и одржлив процес. Бренд за кој одржливоста во модата е приоритет. Резултатите се уникатни, целосно носливи и безвременски парчиња. Процес во која се потврдува дека новата ера на луксуз значи да се биде општествено и еколошки одговорен.
Нема коментари