Дизајнерката Мила Кадриу која стои зад модната куќа MCouture ќе ја претстави новата колекција наречена Veritas преку моден перформан најавен за петок, 17 април, во скопската винарија „Камник“. Моделите за пролет-лето 2015 Кадриу ќе ги презентира во организација на Моден викенд-Скопје, а таа пред перформансот открива детали за инспирацијата и концептот на нејзината нова модна „вистина“.
-Инспирација за создавање на оваа колекција црпев од самата основна и природна убавина на жената, нејзините највредни одлики и душевната состојба на музите од кои таа несебично црпи секојдневна инспирација. Вистината за нејзините чувства, вистината за потеклото на нејзината насмевка, вистината за вљубеноста во нејзината втора кожа, задоволство за доживување на самата личност како совршенство – вели Мила.
Тргнувајќи од помислата дека белата е боја на вистината, јасно е што Кадриу ја смета за носечка во целата колекција, најбитна по значење и основа за мешање на целиот колорит.
-Колор картата, освен белата боја која се појавува како носечка или во вид на мешавина, исто ги поседува и сивата и црната боја како второ најмногу застапени. Жолтата боја е избор на вистинско освежување кое исто така го дополнуваат и третостепени бои како плавата, розевата и уште неколку нијанси во самите принтови. Што се однесува до текстилната карта, внимателно се одбрани парчиња на ткаенини кои самите по себе и не се компатибилни. Едноставно, умешно изработените кроеви ни дозволија да си поиграме и да создадеме комбинација од материjали и бои кои привлекуваат внимание. Склоп на памучни и везени чипки, спој на пердуви со чипка, пердуви од ној во комбинација со кристалчиња, лелеави свили принтани и укрутени со материjали кои даваат поинаква форма на моделот, сурова свила, свилени жоржети и брокати. Застапени се обични тоалети, коктел фустани, комбинезони, панталони, кошули и корсети.
Нема коментари