Пред десет години холандските дизајнери Виктор Хорстинг и Ролф Снорен, кои творат под името Виктор и Ролф, си замислија желба. Желбата беше да се создаде мирис кој ќе го направи светот подобар. Им се оствари токму со парфемот Flowerbomb – ѕвездата е родена. “Ние отсекогаш сме сонувале за создавање на парфем и отсекогаш сме верувале во моќта на мирисот. Замисливме желба и никогаш не се откажавме од сонот. Во 2005 година, нашиот сон стана реалност: нашиот Flowerbomb се роди”, велат тие.
Flowerbomb e цветен. Вистинска цветна бомба. Ама и провокативен, како и концептуалната мода на Виктор и Ролф. Всушност креативните столбови на дизајнерите се концептот на гламур, провокативната мода и неочекуваната елеганција. Создаден пред една деценија, Flowerbomb сега може да се најде и кај нас, а во мирисниот концепт на Виктор и Ролф уживавме на вчерашната презентација во Еликсир Ексклузив Рекорд. Шишенцата во облик на дијамант наредени покрај големите цветните аранжмами беше сценографијата околу нас, а во промовирањето се надополнува и рекламната кампања изработена од едно друго холандско дуо, фотографите Инез ван Ламсверде и Винод Матадин.
Презентерките внимателно ни објаснуваат за експлозивните мирисни ноти – за неочекуваниот спој на цветната експлозија и скромната слаткост го отвори патот на овој раскошен гурмански парфем. Десетина орхидеи cattleya, стотици фасцинантни sambac јасмин цвеќиња, илјадници сочни цветови фрезија и милиони ливчиња од роза се споени во букет кој едноставно предизвикува зависност, а сето тоа е проследено со провокативен акорд на пачули и слатка ванила. Вистинска цветна експлозија со потпис на Виктор и Ролф, која само деценија по лансирањето веќе се смета за класик меѓу парфемите. (К.Т.)
Нема коментари