Македонската модна креаторка Олгица Ѓоргиева е победничка во конкуренцијата за најдобар дизајнер за регионот на Европа и Русија на Интернационалните бугарски модни награди EIRENE 2014. Таа успеа, со гласовите преку „Фејсбук“, да ги надмине финалистите од оваа категорија, Амела Радан од Босна и Херцеговина и KAMENSKAKONONOVA од Украина, и да се пласира во финалето за најдобар дизајнер или бренд во светот. Следната етапа на гласање ќе трае до 16. јули, 14 часот, по бугарско време, а вашиот глас може да го дадете на следниот линк за Олгица Ѓоргиева.
Во финалето се пласираат 10 креатори од девет светски региони. Во бодирањето се вклучени бројот на гласови дадени преку „Фејсбук“. Таа ќе се бори за некое од првите места кои имаат високи наградни фондови за две сезонски презентации со ревии на Бугарската модна недела во период од пет години (2014-2020), како и можност за дипломатски прием во Софија , како и преставување на Модната недела во Пловдив.
На почетокот на изборот покрај Олгица беа номинирани и Chic Undercowear на Бобан Илиевски и модната куќа „Елена Лука“. Минатата година во категоријата со дизајнери од регионот за Европа и Русија победи нашата Росица Мршиќ, во финалето меѓу светските дизајнери го освои петтото место, а ја зеде специјалната награда за најголем број на гласови од обожавателите на „Фејсбук“. За Мршиќ следат серија бенефити како на пример награден фонд кој ќе ѝ овозможи претставување по две сезонски колекции во следните пет години на Бугарската модна недела, награда за организирање дипломатски прием во Софија во чест на Македонија и на Мршиќ, организирање трговски состанок и работилница со дизајнерски консултации, како и изложбен салон во рамките на Модната недела во Пловдив.
Нема коментари