Дизајнерот Питер Дандас денес соопшти дека повеќе не е дел од модната куќа на Роберто Кавали и дека колекцијата за пролет-лето 2017 прикажана минатиот месец во Милано е негова последна за брендот.
-Сакам да им се заблагодарам на Роберто Кавали и на групацијата за ова вредно искуство и им посакувам успех во нивните идни настојувања – изјави Дандас за WWD, кој беше назначен за креативен директор на италијанската модна куќа во март 2015 година.
Норвежанецот Дандас по дипломирањето на „Парсонс“ во Њујорк работел како асистент на Жан Пол Готје, потоа кај Кристијан Лакроа, од 2002 до 2005 година во Фиренца заедно со Роберто Кавали, а после ангажманот на креативен директор во куќата Емилио Пучи, во 2015 повторно се враќа во Кавали. Сè уште не се познати деталите за неговото заминување, како и идните планови на дизајнерот.
-Во име на Роберто Кавали и на нашите акционери му се заблагодаруваме на Питер Дандас за неговиот придонес во брендот, и му посакуваме секое добро во иднина. Бидејќи куќата на Роберто Кавали поминува низ период на трансформација, дизајнерскиот тим ќе продолжи да работи и назначувањето на новиот креативен директор ќе биде направено во догледно време – изјави Џан Џакомо Ферарис, главен извршен директор на модната групација.
Нема коментари