Францускиот дизајнер Ерве Леже почина ненадејно во својата 60-та година, соопшти париската Fédération de la Haute Couture et de la Mode. Беше основач на модната куќа Hervé Léger, подоцна во кариерата креираше под името Ерве Леру (Hervé Leroux). Во 80-тите Ерве работеше покрај Карл Лагерфелд како асистент во модните куќи, „Шанел“ и „Фенди“, а во 1985 година го лансира својот бренд Hervé Léger.
Дизајнерот стана препознатлив по таканаречениот bandage фустан, кој го лансира во 1989 година. Се работи за припиен модел на фустан направен од сошиени и споени еластични ленти, налик на завој замотан околу телото, со цел уште повеќе да се нагласи женската силуета. Ерве го креираше ваквиот фустан во разни бои, должини и стилови, а и денес се носат варијации на bandage моделот кој е многу популарен кај холивудските ѕвезди.
Неговиот бренд во 1993 година го купува групацијата BCBG Max Azria и креаторот ги изгуби комерцијалните права да го користи своето име. Но продолжи да креира под името Ерве Леру, а во текот на својата кариера соработувал и со „Ланвин“, „Сваровски“ и креирал за модната куќа на Ги Ларош.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари