Модниот свет изгуби уште еден дизајнер – Пако Рабан, роден како Франциско Рабанеда и Куерво, почина на 88-годишна возраст. Овој моден визионер стана познат во 60-тите години по својата space age естетика и креирањето облека од метални структури.
Роден во 1934 година во баскискиот град Пасаја, Пако интересот за мода го наследил од неговата мајка која работела како главна кројачка кај Кристобал Баленсијага, а поради Шпанската граѓанска војна и откако неговиот татко, републикански пуковник, бил погубен од страна на трупите на Франко,семејство се сели во Париз. Во 50-тите години, паралелно со студиите по архитектура, Пако заработувал правејќи модни скици за Диор, Живанши и Шарл Журдан. Својата модна куќа ја создава во 1966 година и користејќи го своето познавање од архитектура, обликува модни креации од материјали кои до тогаш не се користеле за облека, како метал, картон, пластика и други крути структури.
Остави зад себе големо модно наследство, а пошироката публика го препознава по парфемите, некои од нив сè уште се едни од најпродаваните. Покрај ексцентичната мода, ќе биде запаметен и по ексцентричните изјави дека живеел неколку животи, дека кога познавал Исус во еден од минатите животи, дека неколку пати се сретнал со воземјани и дека неговата душа е стара 75.000 години.
Нема коментари