Француската модна икона и авангардниот визионер Манфред Тјери Муглер почина вчера, 23 јануари, на 73-годишна возраст. Причината за смртта на овој дизајнер кој беше единствена и посебна појава во светот на модата, не е откриена. Кариерата ја почна во 70-тите години од минатиот век, беше препознатлив по спојот на футуризам, ретро силуета и camp естетика. Во 90-тите беше на врвот на својата слава, особено откако во 1992 година ги облече супермоделите во познатиот спот за песната на Џорџ Мајкл „Too Funky“. Во тој период го лансираше и парфемот „Angel“, еден од најпродаваните парфеми кој и денес е популарен. Поради несогласувања со новиот сопственик на брендот Clarins и затворањето на високата мода, Муглер во 2002 година се повлече од брендот што го носи неговото име, но и од модната машинерија, работејќи повремено на избрани проекти и соработувајќи со ѕвезди како Бијонсе и Ким Кардашијан која носеше негов модел на Мет Гала во 2019 година.
Нема коментари