Поп-ап продавница со фокус на модниот бренд „Лудус“ ќе биде отворена од 2 до 4 септември во студиото на издавачката куќа PrivatePrint. Заинтересираните ќе може да го посетат настанот на Партизански одреди 62, спрат 1, стан 4 , кај, ТЦ Лептокарија, веднаш спроти влезот на поликлиника Букурешт, од 17 до 22 часот. Брендот „Лудус“ е актуелен со безродовата колекција XYYX со минималистички црно-бели креации, кои претходно беа преставени во рамки на „Скопје креатива“ на „Плаја виста“, како и со ревија во фоајето на МОБ во рамките на изложбата и промоцијата на книгата Heroes for One Day.
Линијата е составена од 20 парчиња изработени од високо квалитетни стопроцентно природни материјали како памук и ладна волна. Боите во палетата се ограничени на црна и бела, а акцентот е ставен на скулптурниот пристап во моделирањето на парчињата. Тие се прочистени и минималистични,а мултифункционалоста е овозможена со прилагодувачки додатоци скриени во внатрешноста. Па така, машките асиметрични памучни кошули стануваат вечерни лежерни фустани со нагласен ремен на струкот, а асиметричните здолништа се всушност широки панталони со внатрешен раб. Овие парчиња ги надополнуваат неколку форми на накит кои додаваат акценти од сина боја на белата и црната. За колекцијата беше изработен lookbook со фотографката Ана Марија Радосављевиќ, каде како модели се јавуваат Ана Калачоска, Леуарт Лека и Кемил Исметовиќ, а за шминката и фризурите се погрижи модната блогерка Мартина Неделковска.
Ludus Loves Fashion е инстор женска модна етикета основана во 2010 година како одговор на потребите на клиентите на концептуaлната продавница „Лудус“. Продавницата беше отворена во 2006 и до 2008 година стана платформа за новиот македонски моден дизајн, целосно поддржувајќи ги младите дизајнери и етикети. „Лудус“ почна како менлив производ што еволуира од концептуална продавница со цврст идентитет до експериментална модна линија. Во моментов, Драган Христов, еден од основачите на „Лудус концепт стор“ е посветен на развојот на модната линија, дополнета со колекција за мажи. Со концептуална позадина, Христов (дипломец на Академијата за Ликовни Уметнoсти- Брера во Милано) создава безродова облека за клиентите според нивните моментни чувства. Колекциите се движат меѓу носливоста и софистицираната авангарда, а за основа ги имаат чувствата, најчесто меланхолични и тажни. Финалниот резултат е монохроматски и минималистички, изработен главно од свила и природни проѕирни материјали, а силуетата е налик скулптура. Презентациите на Лудус, инспирирани од филмот и современата музика се настани со неочекувани локации што придонесуваат кон интелектуалниот карактер на етикетата.
PrivatePrint е издавачка куќа од Скопје, посветена на уредување, создавање и поддршка на уметнички книги, уметнички/кураторски истражувачки проекти и останати слични публикации. Студиото на PrivatePrint е постојано отворено за посетители со најава, а повремено таму се организираат настани и изложби. PrivatePrint работи и на создавање на архива на оригинални уметнички дела. Основачи и главни уредници се Марија Христова и Илија Прокопиев.
Специјални гости на настанот ќе биде Архи.тек. Станува збор за бесплатна месечна публикација на Архитектонски Факултет Скопје. Нејзини уредници се Владо Данаилов и Мила Димитровска.
Нема коментари