Ентони Вакарело со својата втора колекција за брендот „Ив Сен Лоран“ го пофалува модното наследство на самиот дизајнер Ив Сен Лорен, отворено изразувајќи љубов кон субверзивниот пристап што Сен Лоран го имал кон облеката, и неговиот мрачен романтизам со доза на перверзност. Идејата на Вакарело, новиот креативен директор на „Ив Сен Лоран“, е преку колекцијата за есен-зима 2017/18 да направи повторно читање, еден вид радикална фантазија на наследството што славниот француски креатор го остави зад себе.
Колекцијата за „Ив Сен Лоран“ што Вакарело ја претстави во првиот ден на Париската модна недела, содржи многу кожа и тантела, светки и гламур на авангарден начин, сето тоа со референци на 80-тите години од минатиот век. Како и неговите претходници, и Вакарело оддава омаж на Сен Лоран наоѓајќи инспирација во архивата на парискиот дизајнер – дури и една креација од новата колекција, кадифен мини фустан, содржи вез на виолетова роза, мотив што Ив Сен Лоран го има своевремено нарачано од ателјето Lesage.
Ревијата во Париз ја следеа голем број на познати личности, Зое Кравиц, Шарлот Гејнсбур и сестра ѝ Лу Дилон, уредничката Мирослава Дума, манекенките Амбер Валета и Ева Херцигова… Најинтересни беа стилските икони Кетрин Денев и Кејт Мос кои како да си го заменило модниот стил меѓу себе – Кејт носеше мантил и шапка вообичаени за Денев, додека пак актерката се појави во рокеркса маичка со принт и леопардов капут, комбинацијата што многу често ја носи Мос.
Нема коментари