Дизајнерите и модните куќи очигледно преферираат во своите рекламни кампањи да ги ангажираат познатите, актери, музичари, уметници, на сметка на професионалните модели. Марк Џејкобс често практикува во рекламите да ги повика пријателите и познатите од калиброт на Винона Рајдер, Шер, Мајкл Стајп, сестрите Фенинг, во истото расположение е и во новиот промотивен материјал за колекцијата за есен-зима 2016/17. Овојпат изборот падна на неколку живописени ликови, модерни музи и икони на бунтовништвото во културата – актерката Сиси Спејсек, маркантниот Џенезис Пи-Ориџ кој неодамна настапи во Скопје со својот бенд Psychic TV, Миси Елиот, како и манекенките Бинкс Волтон и Грејс Бол. Џејкобс фотографиите прво ги објави на Инстаграм, со емотивни пораки зошто ги одбрал токму овие личности и колку ја цени нивната работа. „Индивидуалците на овие фотографии претставуваат колективно олицетворение на љубов, чесност, интегритет, храброст, сила, љубопитност и инспирација. Заедно, како една приказна, ова е потсетник за тоа постојано да се испитува и предизвикува нормалното и да продолжи со истражување и поместување на границите“, пишува Марк. Фотографиите за кампањата се на Дејвид Симс, стајлингот на Кејти Гранд. (К.Т.)
Нема коментари