Британскиот моден гигант „Барбери“ одржа настан во Лос Анџелес пред публика составена од холивудски ѕвезди и модни уредници и вљубеници. На вчерашниот настан во познатата опсерваторија „Грифит“ креативниот директор на брендот Кристофер Бејли ја прикажа колекцијата за есен-зима 2015/16 претставена преку британска тема и референци. Ѕвезда на модната писта беше Наоми Кембел. Во првиот ред можеа да се видат голем број познати британски и американски личности, уредничката Ана Винтур која седеше до семејството Бекам, потоа музичари од рангот на Елтон Џон, актерките Мила Кунис, Џенуари Џонс, Кејт Бекинсејл, британските манекенки Суки Вотерхаус, Кара Делевиљ и Роузи Хантингтон-Вајтли, личности од светот на модата. За првпат се организира ревија во опсерваторијата, а исто така за прв пат шоу се пренесува преку новата апликација за стриминг, Periscope. Како и секогаш, Бејли и „Барбери“ вметнуваат музика во своите настапи, вчера публиката уживаше со Том Одел, Џоел Езра и Клер Мегваер. Како што ќе каже Бејли, беше тоа вечер која успешно заокружи повеќе елементи: мода, музика, занает, традиција и технологија.
Нема коментари