Флоралните инсталации и уметнички дела посветени на циклусот на постоење на британската уметница Rebecca Louise Law биле инспирација за новата пролетна линија на македонската дизајнерка Росица Мршиќ. Колекцијата, наречена „Ирис“, по цветот кој е најчест мотив во делата Ребека Луис Лоу, беше промовирана вчера попладне, во студиото на Мршиќ во центарот на Скопје, во присутсво на модни новинари, блогерки и клиенти.
Креациите го задржуваат препознатлив женствен и убан стил на креаторката. Тие се баланс меѓу нежната, романтична , но и силната и борбена страна на жената. Колекцијата е наменета за модерни жени со истенчен вкус, изграден стил и индивидуалност.
Застапена е софистицирано- релаксирана силуета која во некои елементи има допир со спортскиот изглед, а сето тоа е претставено во чиста и префинета линија што дизајнерката ја негува секоја сезона. Материјалите се рачно изработени и се дополнети со црни цветни детаљи, кои даваат контраст на основата. Колекцијата е изработена во препознатливите црна и бела боја, а додавањето кралска сина, пудра розева и цветни дезени ја одразува инспирацијата од делата на Rebecca Louise Law.
Колекцијата е достапна во студиото и на он-лајн продавницата на Росица Мршиќ, во продавницата Виа во Скопје, и на онлајн продавница Bastet Noir во Македонија.
Нема коментари