Еден од најприсутните принтови во модата, оваа есен е клучен зачин во трендовските стајлинзи. Леопардовиот дезен отсекогаш важел за впечатлив, нападен и драматичен, кој не е за секоја прилика, ниту за сечиј имиџ. Но во одредена доза, аплициран преку детали (чанти, чавли, марами) или пак едно доминантно парче (палто, капут, бунда, здолниште или фустан ), изминативе години спонтано се провлекува во комбинациите и на најизбирливите.
Повеќе не е избор само на одредена група или на следбеници на посебен стил, туку е мејнстрим шара која може да се скроти во сечиј стил. Добар пример дека е широко прифатена е брзото распродавање на колекцијата на Хајди Клум за ланецот супермаркети Lidl каде што домнира оваа шара. За чевлите, палтата и другите парчиња со овој принт се одлучија не само следбеничкките на трендовите, туку и дами со потрадиционални и покласични модни навики.
Оваа есен животискиот принт се најде во колекции на речиси сите популарни high street брендови, а често го среќаваме и во трендовските комбинации на инфлуенсерките. Судено според нивните стајлинзи, ако сакате да изгледате повпечатливо и младешки направете комбинација со впечатлива боја, корално-црвена, портокалова, магента розова, зелена и сина или со пастелни нијанси. Храбрите може да спојат неколку животински принтови, или препознатливата леопард- шара да ја комбинираат со модел во пруги или цветен дезен. Впечатлив изглед се добива и во спој со неочекуван модел или стил, на пример, со делови од спортска опрема или од машки кроеви.
Ако сакате да доловите деловен или поелегантен изглед, може да го комбинирате со целосно црн аутфит. Комбинацијата со кожена јакна или панталони секогаш е добитна. Една од најуспешните спојки е со џинс. Во било кога форма и нијанса. Тие што сакаат да ја применат оваа шара, може да ги погледат инспиративните комбинации на влијателните модни блогерки подолу.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари